Во Словенија до 11 часот своето право на глас на парламентарните избори го искористиле 21,05 отсто од гласачите, соопшти Државната изборна комисија (ДВК).
Како што изјави на прес-конференцијата претседателот на ДВК Душан Вучко, правото на глас го искористиле 356.976 гласачи.
Најголема излезност е забележана во изборната единица Крањ, каде што изнесува 22,87 отсто, а најмала во Марибор – 19,86 отсто, објави ДВК.
Во 7 часот во Словенија беа отворени околу 3.000 избирачки места за изборите за 90 пратеници во Државниот збор (Парламентот).
Гласачите можат да гласаат до 19 часот, а дотогаш е изборен молк.
Која била волјата на гласачите делумно ќе се знае вечерва нешто по 20 часот, кога Државната изборна комисија најави дека ќе ги објави првите нецелосни резултати.
Предвремено се гласаше во средата и четвртокот од 7 до 19 часот.
Извор: МИА