САД и Русија го отворија денеска еднодневниот самит на министрите за надворешни работи и одбрана во момент кога односите меѓу двете земји се на најниска точка, поради доделување на привремен азил во Русија на поранешниот соработник на ЦИА Едвард Сноуден, како и поради различните ставови за сириската криза и распоредувањето на ракетниот штит во Европа.
Американскиот државен секретар Џон Кери изјави во Вашингтон дека постојат предизвици во односите меѓу САД и Русија, но додаде дека двете земји имаат и заеднички интереси. Разговорите на високо ниво се одржуваат само два дена, откако американскиот претседател Барак Обама ја откажал септемвриската средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Кери во обраќањето до новинарите изјави дека односите се комплицирани поради „привремените судири“, што беше потврдено и од шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, но двајцата говореа за потребата проблемите да се решаваат на еден зрел начин.
– Односите меѓу САД и Русија се мошне важни и обележани се со заеднички интереси со повремени судири и конфликти, изјави Кери, пречекувајќи ги Лавров и американскиот и рускиот министер за одбрана, Чак Хејгл и Сергеј Шојгу на разговори во Стејт департментот.
Американскиот државен секретар потсети дека тој и Лавров се некогашни играчи на хокеј и оти двајцата разбираат дека дипломатијата е „како хокеј и оти во неа понекогаш има судари“.
– Не е тајна дека имавме мошне предизвикувачки моменти во последно време и тоа не само во случајот со Сноуден. Денеска ќе разговараме за тие разлики, рече Кери.
Руската страна не го сокри разочарувањето поради откажувањето на средбата со Путин од страна на Обама, а Лавров изјави дека официјална Москва биле подготвена да ги потпише спогодбите за трговија и за нуклеарни истражувања.