Судот во Лондон му одреди денеска притвор на мафијашкиот бос, кој е уапсен во британскиот главен град по речиси 20 години бегство од италијанските власти.
Во текот на сослушувањето во Судот е наведено дека Доменико Ранкадоре (64), познат како Професорот, бил дел од бандата, која „сеела страв во Сицилија“ и еден од лидерите на Коза Ностра.
Одбиено е барањето на Ранкадоре да биде пуштен на слобода со кауција, бидејќи избегнал апсење, откако дошол во Велика Британија пред 20 години, живеејќи под лажното име Марк Скинер.
Тој е уапсен во средата во неговата куќа во Аксбриџ, во западен Лондон.
Италијанските власти трагаат по него поради издржување седумгодишна затворска казна, на која е осуден во отсуство поради „учество во мафијашка организација“ на Сицилија меѓу 1987 и 1995 година.