Отпуштените професионални војници по неколкугодишната голгота, спас од немаштијата ќе бараат кај бугарските власти. Според инфорамции на А1он, на 18-ти август, на денот на Армијата на Република Македонија, официјално ќе побараат прием во бугарската амбасада и ќе разговараат дали е можно да служат во армиските редови кај нашиот источен сосед.
За А1он, координаторот на отпуштените професионални војници Илија Тодев, потврди дека тоа е договорено-да се разговара со претставникот на Бугарија во Скопје.
– Се подготвуваме, точно е. На 18. август на денот на АРМ, ќе пратиме допис за средба во бугарската амбасада, да излезат во пресрет за наше можно вработување во нивната земја, кога овде веќе не сме потребни.
– Во прашање е нашата егзистенција, нерешениот статус од власта на ВМРО-ДПМНЕ, нашиот голем непријател ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја бараме егзистенцијата во Бугарија. Власта досега можеше да го реши нашиот проблем, но не сака, изјави за А1он, Илија Тодев, координатор на отпуштените професионални војници.
Станува збор за околу 120 отпуштени професионални војници, кои се социјално загрозена категорија. Откако истече нивниот договор за ангажман во армијата до 38 година, тие останаа на улица, а не беа опфатени ни со oдлуката од февруари минатата година, за останување во АРМ до 45 та година.
Најчесто, оправдувањето на Министерствот за одбрана изминативе години беше дека овие војници го оптоваруваат и се товар за буџетот. Голем дел од нив се со сертификати и признанија, но и учесници во разни мировни мисии.
Според Илија Тодев, Армијата ја напуштаат и старешiни, вработени во АРМ – поручници, капетани, мајори веќе заминуваат на печалба во странство.
П.П.