Поддршката на Грција за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, уште еднаш ја повтори портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, истакнувајќи дека нивната позиција не е променета, јави дописничката на МИА од Атина.
-Нашата земја, јасно е дека ги поддржува влезот и интеграцијата на Западен Балкан во европското семејство, секогаш под услов да се исполнети неопходните предуслови и неопходните услови што европското законодавство ги наметнува за членство на земји во европското семејство. Нашата земја нема направено никаква промена во однос на овие позиции кои ги поддржуваше и во минатото во однос на влез на земјите од Западен Балкан во европското семејство, рече Иконому
На денешниот брифинг што еднаш месечно се одржува во Солун, одговарајќи на новинарско прашање за ставот на лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас дека е горд на Договорот од Преспа, изразен вчера за време на третиот партиски конгрес, Иконому го повтори нивниот став.
-Тогаш како опозиција, премиерот Кирјакос Мицотакис направи се што беше можно за да не се потпише Договорот од Преспа и паралелно и ја немаме променето оваа наша позиција, рече Иконому.
Извор: МИА