Стојне Јанева, сестрата на загинатата Викторија која беше прегазена на пешачки премин кај „Сити мол“, смета дека возачот е сега жртва во случајот, а не семејството на покојната. Јанева е незадоволна од судската пресуда, а за возачот вели дека е убиец, а за нејзиното семејство објаснува дека постојано страна по трагичниот настан во јануари. Сестрата на Викторија прашува и дали судијката Љубинка Башевска која изрече тригодишна затворска казна за возачот е поткупена или уценета.
„Јавниот обвинител по гледаните снимки одредува да му се суди за дело со умисла. Срамота за судот, си поигруваат со нас, имате ли барем грам човечност? На судијката при изрекувањето на пресудата и се познава растреперениот глас. Дали е поткупена или уценета? Дали ќе спие мирно. Сега тој(нејќам ни името да му го спомнам) е жртвата, а ние сме никој и ништо и немаме право на збор и жалба. Луѓето пишуваат оставете го млад човек на секој може да му се случи. Престанете да го пишувате тоа како да не е крив, но секогаш крив излегува тој што го нема веќе. Зарем сега и на чиста виделина, уште што нема да видиме и слушнеме. Ги имавме сите докази против него и тоа не беше доволно? Во прашање се чисти снимки во кои се гледа дека возел поголема брзина од дозволеното, не застанал на пешачки, ја усмртува сестра ми, при што пак не застанува туку продолжува да вози и ја носи на возилото па ја исфрла, го повреди и Леонид“, вели Јанева за „А1он“.
Семејството на покојната Викторија прашува и зошто останатите лица кои биле во автомобилот со возачот Јордан Ѓоргиев, не излегле да помогнат.
„Да биде уште поболно и не излегуваат да пружат помош, затоа што не бил сам, биле тројца во возилото. А каде се другите, зошто никој не ги ни спомна. Дали се прашуваат дали можеби ќе беше жива ако излегле да и пружат помош? Не знам дали некој ја земал во предвид нашата болка! Очигледно не. Не страда само еден, страдаме сите, мајка ми, татко ми, сестра ми, мојот сопруг и моите деца, од кои едното постојано прашува а каде е тета Вики“, додава Јанева за „А1он“.
За олеснителните околности поради кои адвокатот на возачот Јордан Ѓорѓиев бараше поблага казна, а судијката Башовска изрече три години затвор, семејството прашува: „Посакувам да можеше да осетат за миг како печат тие олеснителни околности и дали толку лесно ќе се изречеа ако се работеше за нивно чедо“.
„Во предвид се земат олеснителните околности за убиецот, коишто не се споредуваат со нашите, тој не можел да јаде, да пие, да спие, примал лекови. Дали некој се запрашал нам како ни е? Дали мајка ми и татко ми можат да јадат ,да спијат, колку лекови примат дневно и колку инјекции имаат примено? Имал трауми, а ние немаме нели? Си ја признава вината, криво му е, сака да е на нејзино место, но сакат и да му се ублажи казната, тоа ли е човек, тоа ли е судство? Посакувам да можеше да осетат за миг како печат тие олеснителни околности и дали толку лесно ќе се изречеа ако се работеше за нивно чедо. Олеснете го обрачот на народот да почне да ви верува и да не се сомнева за вашите одлуки дека биле донесени под други околности. Покажете ни дека има уште една светла точка во овој мрак и овие три години фрлете ги како да не сте ги кажале. Со срам не се живее, се преживува!“, додава таа.