Момчето на загинатата Викторија, а повреден во сообраќајката кај „Сити мол“, Леонид Даов, организира протест пред Кривичниот суд. Во повикот објавен на социјалните мрежи посочува дека пресудата која ја изрече судијката Љубинка Башевска не е правична и праведна. Протестот ќе се одржи во петок од 10 до 11 часот.
„Викторија и Леонид не ја добија пресудата која е правична и праведна! Немаме владение на правото, немаме спокој на душите! Имаме граѓанско право да го кренеме својот глас и за Викторија, но и за сите жртви на сообраќајно насилство и неправедно пресуди! Да ја разбудиме свеста, да бидеме гласот на покојните и гласот на жртвите! Да кажеме стоп на лошите пресуди и стоп на сообраќајното насилство“; стои во настанот креиран на социјалните мрежи.
Даов, организатор на протестот повикува: „На 15.04.2022 (петок) од 10:00 до 11:00ч Ве повикувам пред Основен Кривичен Суд Скопје да го искажеме нашиот револт и да го запреме крварењето по улиците и пешачките премини ширум државата“.
Тригодишна затворска казна доби возачот Јордан Ѓоргиев кој ја стори сообраќајната несреќа кај „Сити мол“. Тој доби и забрана за управување со моторно возило следните три години, откако пресудата ќе биде правосилна. Судијката Љубинка Башевска ја изрече казната по само едно рочиште, на кое обвинетиот ја призна вината. Тој ќе остане во притвор се до правосилноста на пресудата, поради тоа што судот смета дека може да се даде во бегство. Според судијката, Ѓоргиев не се придржувал на прописите за сообраќајот, не обрнал внимание на пешаците, а возел и со недозволена брзина.