Европската унија поставува магацин во Молдавија за помошта што пристигнува за луѓето кои бегаат од руската војна против Украина.
Повеќе од 1.200 шатори и 4.000 ќебиња неделава треба да бидат доставени за луѓето кои се раселени поради војната, соопшти денеска Европската комисија.
– Со руската воена агресија врз Украина која се одвива на разорно брутален начин, хуманитарните потреби на погодените цивили растат експоненцијално, изјави комесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич.
Досега, војната принуди повеќе од 4,5 милиони луѓе да побегнат во соседните земји како Унгарија, Молдавија, Полска и Словачка, а повеќето од нив се жени и деца, соопшти комисијата, нарекувајќи го ова најбрзо растечка бегалска криза во светот.
Молдавија, сиромашна земја јужно од Украина, добива сè поголема поддршка од земјите на ЕУ за бегалците, при што Германија, Унгарија и Холандија, на пример, испраќаат медицински материјали.
Извор: МИА