Семејството на загинатата Викторија Николова и адвокатот на Леонид Даов, сметаат дека пресудата за возачот Јордан Ѓоргиев е еднаква на ослободителна. Владимир Михајловиќ, адвокат на семејството Николови казната изречена од судијката Љубинка Башевска ја нарече несериозна. Мајката на Викторија, со плач ја дочека пресудата. Таткото на покојната, кажа дека се згрозени од висината на казната.
„Немам зборови, згрoзен сум од оваа држава, од судството и затоа има толку голем процент на недоверба. Друго немам ништо, згрозени сме како фамилија со ваква пресуда. Немаме зборови, сите ќе ја напуштат оваа држава“, рече таткото на покојната Викторија.
Адвокатот посочи дека пресудата е скоро ослободителна.
„На 20. вечерта трепкаше жолто светло, судот денеска дозволи да свети зелено и да помине неказнето. Три години затвор е несериозно. Ќе имаме жалба на пресудата. Се надеваме дека Апелација ќе има посериозен пристап. Имаме ситуација кога се е чисто, без разлика на признавањето на вина делото како што е. Пресудата е скоро ослободителна и дозволуваме да бидеме жртви на сообраќајното насилство” рече Владимир Михајловиќ.
Адвокатката Билјана Андонова, посочи дека ќе бараат од обвинителот да поднесе жалба со која ќе бара поголема казна.
“Обвинетиот е казнет со казна од три години. Ќе поднесеме барање до ОЈО за задолжителна жалба. Донесена е многу ниска пресуда. Покрај тоа што побаравме пресуда која ќе биде апел кој ќе оддекне во јавноста. Сметаме дека обвинетиот ја смета предудата за ослободителна“, кажа адвокатката Билјана Андонова, која го застапува повредениот пешак Леонид Даов, кој и беше момче на покојната.