Тригодишна затворска казна доби возачот Јордан Ѓоргиев кој ја стори сообраќајната несреќа кај „Сити мол“. Тој доби и забрана за управување со моторно возило следните три години, откако пресудата ќе биде правосилна. Судијката Љубинка Башевска ја изрече казната по само едно рочиште, на кое обвинетиот ја призна вината. Тој ќе остане во притвор се до правосилноста на пресудата, поради тоа што судот смета дека може да се даде во бегство. Според судијката, Ѓоргиев не се придржувал на прописите за сообраќајот, не обрнал внимание на пешаците, а возел и со недозволена брзина.
„Изразувам длабоко сочувство на семејството на сега покојната Валентина. Мислев дека и лично ќе бидат да им го кажам тоа. Советот ги имаше во предвид сиtе отежителни и олеснителни околности. Отежителни околности се тежината на кривичното дело, недозволената брзина со која се управувало возилото, општествената опасност, запретената казна, загубениот човечки живот. Советот ги ценеше олеснителните околности, тоа е признанието, возраста, неосудуван е, нема постапка за друго кривично дело, тоа што е студент, не е оженет. Тоа беа поголемиот дел од причините поради кои одлучивме благо ублажување на законскиот минимум” рече судијката Башевска.
Сообраќајката во која загина 24-годишната Викторија Николова, а нејзиното момче Леонид Даов беше повреден се случи на 20 јануари на раскрсницата кај „Сити мол“. Возачот Јордан со брзина од 67,3 километри на час, што е за 17,3 километри на час поголема од максимално дозволената, удри во двајцата пешаци кои поминувале улица. Според обвинението, возачот не обрнал внимание дека семафорите се исклучени, со тоа, иако бил должен, тој не ги пропуштил пешаците.
На претходното рочиште, возачот изрази и каење, па кажа дека ако би можел да смени нешто, би го сменил местото со покојната. Неговиот адвокат Душко Јанковиќ кажа дека тој никогаш не спорел дека ја сторил несреќата. За истата, посочи дека е од невнимание. Јанковиќ го молеше судот да биде благ спрема Јордан при одмерување на каzната, да ги цени сите факти и докази, особено да го цени искреното каење и признание дадено и покажано од негова страна.
„Сакам да изразам сочувство на семејството на покојната. Од тој ден немам ни еден миг раат, многу сум вознемирен. Камо да можам да сменам нешто за тој ден. Доколку би можел, би го сменил местото“, кажа возачот Јордан Ѓоргиев на претходното рочиште.
Обвинителот Мишо Илиевски, кој го работеше случајот, во завршните зборови посочи дека неспорно е докажана вина и посочи дека се надева дека со казната ќе се превенира за други вакви сообраќајќи, случени со прекршување на сообраќајните правила. Адвокатката на повредениот Леонид Даов кажа дека признанието на вина не треба да биде олеснителна околност.
Адвокатот на семејството Николови кажа дека тие не добиле извинување од адвокатот, семејството и оштетениот и 76 дена по несреќата.
„Сакаме да потенцираме дека денеска е 76. ден од смртта на Викторија и во однос на признавањето вина, сметаме дека истото е институционално. Затоа што во текот на овој период ниту семејството на обвинетиот, а и самиот тој, во ниту една форма се нема извинето, изразено сочувство или искрено да се покае. Сакаме судот ова да го има предвид и да донесе казна како што треба за да покажеме владение на правото сразмерно на делото кое е сторено“, кажа адвокатот Владимир Михајловиќ, кој го застапува семејството на загинатата Викторија Николова.
Обвинението против возачот беше подигнато не цел месец откако се случи несреќата, а првостепената пресуда е донесена за помалку од три месеци.