Согласно законските одредби, концесионерот на рудно наоѓалиште по исцрпувањето на рудата има обврска да го уреди и облагороди просторот и да го врати земјиштето во првобитната состојба. Фотонапонската електрана на АД ЕСМ изградена во кругот на РЕК Осломеј во Кичево истовремено е и рекултивација на земјиштето на кое во минатото се ископувал јаглен, велат од АД ЕСМ.
„Панелите поставени врз стариот рудник за јаглен ќе произведуваат „зелена“ електрична енергија, нема да го загадуваат воздухот и околината, а просторот околу нив ќе биде засејан со трева, која истовремено ќе го врати еко-системот и ќе спречи насобирање прашина врз фотонапонските панели и намалување на нивната ефикасност.
Од тие причини, проектот Фотонапонска електрана во Осломеј е значен не само заради неговите енергетски вредности, туку е важен и од еколошки аспект за поблиската и подалечната околина на РЕК Осломеј. Електраната во моментот е функционална, веќе го користи сонцето кое го има во изобилие на ова поднебје и дава придонес во вкупното дневно производство на АД ЕСМ“, се наведува во соопштението на АД Електрани на Северна Македонија.