Возачот Јордан Ѓоргиев кој ја стори сообраќајката кај „Сити мол“, а во која Викторија Николова го загуби животот призна вина. Тој пред судијката Љубинка Башевска кажа дека се чувствува виновен. Нему му се суди за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
„Се чувствувам виновен, многу се каам. Свесно го давам признанието. Никој не ме уценувал. Јасно ми е дека ќе следи санкција, дека ќе ги платам трошоците за постапката, како и имотно-правните побарувања“, кажа Ѓоргиев.
Адвокатот Душко Јанковиќ, кој го застапува возачот Јордан Ѓоргиев, предложи да не се изведуваат докази за сообраќајката, туку само оние кои се важни за одредување на висината на казната. Судијката Љубинка Башевска тоа го прифати, бидејќи обвинетиот призна вина.
„Со свое име, во име на семејството Ѓоргиеви, како и во име на Јордан изразувам длабоко сочувство кон семејството на починатата и длабоко сочувство кон оштетениот Леонид. Неспорен е фактот дека сме во судницава токму поради сообраќајната незгода која заврши на трагичен начин. Обвинетиот Јордан во текот на целата постапка, од исказот даден наредниот ден по случката, не го негираше настанот, ниту, пак, неговото учество и вина во истиот. Во ниеден момент не спореше ниту, пак, тврдеше дека тој не го управувал возилото или, пак, дека сакал да побегне од настанот. Целиот тек на неговото издржување на притворот е поминат и сè уште е во фаза на каење за таа мала небрежност или невнимание коешто можеби е секунда или две. Со оглед дека на денешното рочиште ја призна вината, нема да навлегуваме во доказите кои се предложени од Обвинителството и утврдување на фактичката состојба, бидејќи е признаена, а одбраната ќе ја даваме во правец на намалување на казната по однос на олеснителните околности“, кажа адвокатот Јанковиќ.
Владимир Михајловиќ, адвокатот на семејството Николови, кажа дека нема да бара имотно-правни побарувања бидејќи тоа ќе го оствареле преку осигурителна компанија.
Адвокатката Билјана Андонова, која го застапува Леонид Даов, момче на починатата Викторија, кажа дека ќе бара имотно-правно побарување.
„Најавувам имотно-правно побарување во име на оштетениот. Бараме од судот за остварување на имотно-правно побарување во граѓански спор“, кажа Андонова.
Обвинението за Јордан Ѓоргиев го поднесе скопското обвинителство по сообраќајката на раскрсницата кај „Сити мол“. Според обвинението, тој возел со брзина од 67,3 километри на час, што е за 17,3 километри на час поголема од максимално дозволената, не застанал иако видел дека има пешаци и ја прегазил Викторија, заедно со нејзиното момче Леонид, кој имаше полесни повреди.