Администрацијата на претседателот на САД Барак Обама дала дозвола за напади со беспилотни летала над Јемен во изминатите 10 дена како дел од напорите за спречување терористички заговор на Ал Каеда, што предизвика затворање на дипломатските мисии во голем дел од државите на Блискиот исток, објави Вашингтон пост.
Според извори, обновената кампања за воздушни удари е директно поврзана со разузнавачки податоци дека лидерот на Ал Каеда повикал јеменски огранок на терористичката мрежа да нападне западни цели.
Изворите додаваат дека се уште не е јасно дали нападите ја анулирале опасноста од евентуални терористички напади признавајќи дека нема индикации за убиени водачи на Ал Каеда во Јемен.
ЦИА и американската армија оваа година извршиле 16 напади со беспилотни летала. Лани таа цифра била рекордна – 54 напади, се вели во податоци на фондацијата Нова Америка.