Судот за работни односи од англискиот град Рединг ја осуди богатата грофица Марија фон Шенбург за „сексуална дискриминација“ и за „нефер отпуштање од работа„ на Тереза Филиповски, која до јануари оваа година работела како прислужничка во големата вила на контесата.
Фон Шенбург ќе мора да и плати на својата поранешна работничка 18.700 фунти отпремнина, што е редок ваков случај во британското општество.
Грофицата, која е поранешна сопруга на наследникот на „Мерцедес-Бенц“ Мајк Флик, во 2008 година ја вработила полската имигрантка Филиповска (36), во нејзината вила во лондонското предградие Сари, каде некогаш кусо време живеела и Мерилин Монро.
Полјачката се доселила во една мала куќа на имотот на грофицата, заедно со своето дете и новиот партнер. Фон Шенбург тогаш побарала од својата вработена „гаранции“ дека нема да забремени и дека нема да роди уште едно дете.
Според Филиповска, договорот требало да важи една година, но подоцна грофицата почнала да се „меша во приватниот живот“ на својата слугинка, инсистирајќи дека не смее повеќе да има деца и да го зголемува семејството.
Грофицата барала од слугинката „задолжително да користи презервативи“ и да биде информирана за нејзините семејни планови.
Кога на почетокот од оваа година гтофицата дознала ека Филиповска, сепак, е бремена, веднаш ја отпуштила од работа.
Во текот на судењето Полјачката се жалеше дека освен забраната да има деца, морала да работи и по цел ден, честопати и до раните утрински часови, затоа што нејзината работодавка имала бурен општествен живот, особено во текот на сезоната за лов, како и бројни летни забави.
Грофицата не присуствувала во судот при изречувањето на пресудата, затоа што е болна од рак и се наоѓа на лекување во Германија.