Американскиот претседател Џо Бајден денеска пристигна во Жешов, град во Полска, за од прва рака да ги види меѓународните напори за помош на милиони Украинци кои бегаат од војната во оваа земја и да ги посети американските трупи кои го зајакнуваат источното крило на НАТО.
На аеродромот во Жешов „Јасионка“, американскиот претседател доби кус брифинг за помош на цивилите кои бегаат од руските напади, од кои повеќето пристигнаа во Полска.
Тој вчера во Брисел кажа дека неговата посета „уште еднаш ќе ја покаже подготвеноста на САД хуманитарно да им помогнат на луѓето во и надвор од Украина“.
Бајден подоцна ќе се сретне со членовите на американската 82-та воздушна дивизија распоредена таму за зајакнување на источното крило на НАТО.
Тој вечерва ќе отпатува за Варшава на разговори со претседателот Анджеј Дуда.
Полска се надева дека посетата на Бајден ќе го потврди американското ветување дека ќе го брани „секој сантиметар“ од територијата на НАТО. Варшава, исто така, сака повеќе американски војници на источните граници на Алијансата.
Извор: МИА