Словенечката опозиција е против најавите на Владата на премиерот Јанез Јанша за испраќање дипломатска мисија во Киев, што би била предводена од офицер на словенечката армија, кој е времено префрлен во Министерството за надворешни работи.
– Премиерот најавува испраќање воено вооружена мисија во Киев, што е непотребен предизвик и потег што може да ги загрози интересите на Словенија и безбедноста на нашите граѓани, изјави претседателката на социјалдемократите, европарламентарката Тања Фајон.
Таа праша зошто мисијата се испраќа во Киев, а не во Лавов „каде што моментално се стационирани повеќето дипломати“ и како ќе реагираат доколку бидат нападнати претставниците на мисијата.
Според неа, наместо досегашните надворешнополитички потези на Владата на Јанша, Словенија мора да има унифицирана надворешна политика.
Таа додаде дека „оваа политика на власта е безглава, некоординирана и еднострана“.
Слични остри изјави против ваквата мисија одделно дадоа и претседателите на другите три партии, обединети во предизборната Коалиција на уставниот лак (КУЛ), порачувајќи дека Јанша ја користи кризата во Украина за предизборни цели.
Словенечкото Министерство за надворешни работи во соопштение ги демантираше тврдењата на лидерите на опозицијата дека дипломатскиот тим што Владата има намера да го формира и испрати деновиве во Киев како израз на помош и солидарност со нападнатата држава, ќе биде „вооружена дипломатска мисија“.
Наведено е дека во неа ќе бидат членови од повеќе министерства кои имаат искуство во меѓународни мисии, како и со водење европски дипломатски претставништва и дека ќе спроведуваат редовни дипломатски активности согласно законот.
Извор: МИА