Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук денеска изјави дека најмалку 100.000 цивили сакаат да побегнат од Мариупол, градот што со денови е цел на жестоки гранатирања, но не можат поради немањето безбедни коридори за напуштање на овој опколен пристанишен град во јужна Украина, јавуваат британските медиуми.
Вицепремиерката Верешчук на националната телевизија изјави дека руското гранатирање ги спречило спасувачките тимови да стигнат до театарот во Мариупол, каде градските власти соопштија дека стотици луѓе се криеле кога минатата недела беше бомбардиран.
Русија негираше дека го бомбардирала театарот и ја обвини Украина за повеќекратните неуспешни обиди за отворање безбеден коридор за повлекување на цивилите од Мариупол.
Украинските власти вчера го отфрлија ултиматумот на Русија за предавање на Мариупол како услов руските сили да дозволат цивилите безбедно да го напуштат градот.
-Инсистираме да се отвори хуманитарен коридор за цивилите“, рече Веречшук и додаде дека напорите на украинската Влада се насочени кон обезбедување сигурна евакуација на жителите Мариупол.
Извор: МИА