Обвинувањата на Русија дека Киев поседува биолошко и хемиско оружје се лажни и покажуваат дека рускиот претседател Владимир Путин размислува да го употреби во војната против Украина, изјави синоќа американскиот претседател Џо Бајден, не наведувајќи никакви докази.
„Путин е притиснат на ѕид и сега изнесува нови лажни тврдења дека ние во Америка имаме биолошко, како и хемиско оружје во Европа, а тоа едноставно не е точно. Тие исто така сугерираат дека Украина има биолошко и хемиско оружје. Тоа е јасен знак дека размислува да ги користи и двете, рече Бајден на деловна тркалезна маса.
Руската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш на барањето за коментар.
Официјални лица во Вашингтон и сојузничките земји претходно ја обвинија Русија дека шири недокажано тврдење дека Украина има програма за биолошко оружје, велејќи дека тоа го гледаат како можен вовед во потенцијалното руско започнување на биолошки или хемиски напади.
Извор: МИА