Европол предупреди на ризикот украинските бегалци да станат жртви на мрежите за трговија со луѓе во Европска Унија и ги повика земјите што ги примаат да бидат внимателни.
– Бројот на потенцијални жртви кои пристигнуваат од Украина може да ги привлече изолираните агресори и опортунисти кои се претставуваат како добронамерни, како и криминални мрежи специјализирани за трговија со луѓе, се наведува во соопштението на Европол.
Според Европол, најзагрижувачки се пограничните области, центрите за прифаќање и сместување бегалци и транспортните центри како што се железничките и автобуските станици.
– Источна Европа е клучен извор на жртви на трговија со луѓе кои се експлоатирани низ цела ЕУ. Тоа е и регион од каде доаѓаат членови на многу криминални мрежи, потсетува Европол.
Во соопштението се посочува и дела повеќето луѓе кои бегаат од Украина се жени, деца и ранливи групи на луѓе кои лесно можат да станат жртви на сексуална експлоатација и принудна работа и да бидат принудени на криминал и питачење.
Според денешните податоци на Обединети нации, речиси 3,5 милиони луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија.
Извор: МИА