Речиси 3,5 милиони луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на борбите започнати со инвазијата на руската армија на 24 февруари, покажуваат податоците на Обединетите нации објавени денеска.
Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) евидентираше точно 3.489.644 украински бегалци на својот портал до 13.00 часот по средноевропско време. Тоа е за 100.600 повеќе отколку вчера, на претходното ажурирање.
Само Полска прими повеќе од половина од сите бегалци кои ја напуштиле земјата од почетокот на руската инвазија, односно околу шест бегалци од 10. Од 24 февруари, 2.083.854 луѓе влегле во Полска, бегајќи од конфликтот во Украина, според УНХЦР .
Полската гранична стража, исто така, соопшти дека 264.000 луѓе повторно ја минале границата за да се вратат во Украина.
Десет милиони луѓе, повеќе од една четвртина од населението на Украина од териториите кои беа под контрола на Киев пред конфликтот, ги напуштиле своите домови поради „разурнувачката“ војна која ја води Русија, изјави вчера високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.
Извор: МИА