Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничената 37-годишна жителка на Прилеп, во својство на службено лице – советник во Државниот инспекторат за земјоделие – Подрачна единица Прилеп, на 16 март директно побарала парични средства од оштетениот раководител во подружница на земјоделска аптека во селото Кривогаштани за да не изврши службено дејствие што би морала да го изврши, соопшти Обвинителството.
При вршење инспекциски надзор во објектот таа пронашла два артикла со поминат рок на важење и оштетениот го известила дека треба да му напише парична казна за прекршокот во висина до 32.000 евра. Бидејќи оштетениот изреагирал на висината на казната, за да не му напише прекршочна казна за него како физичко лице и за фирмата, обвинетата побарала да и даде пари во износ од 63.000 денари.
Оштетениот и кажал дека во моментот нема пари кај себе и побарал од неа време да размисли. Попладнето истиот ден таа повторно се јавила кај оштетениот и го прашала што одлучил, па тој побарал да се сретнат следниот ден во угостителски објект во Прилеп за да и ги предаде парите. На средбата тој извадил кутија од таблетки од Д3 витамин во која биле спакувани парите и ги предал, а таа ги ставила во чантата. По лишување од слобода, кај осомничената биле пронајдени 32-те обележани банкноти во апоени од 2.000 денари, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Против осомничената надлежниот јавен обвинител поднел предлог за определување на мерка притвор до судијата на претходна постапка. Судот го прифатил предлогот и со решение на осомничената и определи мерка притвор во траење до 30 дена.