Американскиот претседател Џо Бајден изјави денеска дека рускиот претседател Владимир Путин е „воен злосторник“ поради инвазијата што ја започна врз Украина. Тоа е прва таква квалификација од Бајден за Путин откако Русија почна со инвазија врз Украина.
„Тој е воен злосторник“, изјави Бајден пред новинарите во обраќањето во Белата куќа. Тој, исто така, го обвини рускиот претседател за „силно уништување во Украина“, бомбардирање згради, породилишта и болници.
Претходно, Бајден најави дополнителна воена помош за Украина во износ од 800 милиони долари, која меѓу другото вклучува беспилотни летала, системи за противвоздушна одбрана „Стингер“, автоматски пушки, минофрлачи и муниција.
„Ќе и дадеме на Украина оружје за борба и одбрана во тешките денови што претстојат“, рече Бајден.
Потоа прес-секретарката Џен Псаки рече дека „забелешките на претседателот зборуваат сами за себе“,
Таа нагласи дека Бајден „зборува од срце“.
Извор: МИА