Поранешниот германски министер за Европа и актуелен пратеник во Бундестагот Михаел Рот, изјави дека ЕУ мора да ги забрза пристапните преговори со земјите од Западен Балкан, бидејќи во спротивно други земји, како Русија и Кина, ќе го искористат овој момент и ќе го пополнат вакуумот, пренесува „Албаниан дејли њуз“.
Тој денеска потенцираше дека е дојдено време Северна Македонија и Албанија да ги почнат преговорите со ЕУ.
– Нашите пријатели од Западен Балкан предолго чекаа. Мора да ги забрзаме преговорите, бидејќи ако ЕУ не е видлива, активна и доволно гласна, авторитарните режими, како Русија, Кина или Турција, ќе го пополнат вакуумот, а тоа апсолутно не е во германски или европски интерес, изјави Рот.
Осврнувајќи се на ситуацијата во Украина, Рот рече дека војната во Украина е голема трагедија и дека ЕУ мора да преземе поголема одговорност за да се постигне мир и стабилност во целиот регион.
– Ова не значи само во Источна Европа туку и во Западен Балкан. Ова е обврска за нас. И ако ја повикаме Украина, тоа не значи дека веќе не сме заинтересирани за продолжување на односите со Албанија и другите земји од Западен Балкан, рече Рот по средбата со албанската делегација. -Време е да започнеме преговори со Албанија и Северна Македонија што е можно поскоро, потенцираше Рот.
„Многу сум благодарен што им посакувам добредојде на пријателите од Албанија и што тие ми дадоа можност да ја потенцирам јаснмата и кредибилна европска перспектива за Албанија и другите земји од Западен Балкан“, се наведува во неговата денешна изјава, пренесува „Албаниан дејли њуз“.
„Не сум многу среќен со последниот развој на настаните, бидејќи ЕУ го изгуби кредибилитетот во регионот. Време е да почнеме преговори со Албанија и Северна Македонија што е можно поскоро. Ова е мојата порака, не само за нашите пријатели и партнери во Албанија, туку и до нашите пријатели и колеги во Брисел и се надевам дека француското претседателство со Советот ќе има вистинска можност да го одржиме нашето ветување“, вели Михаел Рот.
Извор: МИА