Премиерот Димитар Ковачевски презентираше два пакета за помош на граѓаните. Тој кажа дека има 26 мерки, поделени во две категории. Се намалува ДДВ-то, се воведува маржа, се намалува акцизата за поевтини горива. Владата предвидува и субвенции за струја, како и ваучери за загрозени категории граѓани и пензионери. Има и кредити за инвестирање на компаниите во проекти кои се за енергетска ефикасност, за кои нема да се плаќа камата.
„Усвоиме пакет од 26 мерки поделени во две категории и тоа за заштита на граѓаните и ликвидност на компаниите: Од 5 на 0 проценти се намалува ДДВ-то на леб, шеќер, ориз, јајца, свежо месо… Се замрзнуваат маржи на основните производи за исхрана. Предвидуваме субвенции за најранливите категории граѓани со вредност од 1.000 денари месечно за три месеци за купување основни производи. Ги укинуваме царинските давачки за увоз на основни производи од сите земји. Се ублажува и ценовниот шок за струјата, повластената даночна ставка која ја воведуваме ќе важи до декември. Со нова методологија ќе има помала цена за мали потрошувачи и домаќинства во однос на струјата. Се субвенционираат пензионерите со 1.000 денари за три месеци, односно 3.000 денари“, кажа Ковачевски.
„Ќе се субвенционира и натаму струјата, мерката ќе е активна до јуни 2022 година. Се субвенционира цената на топлинска енергија. Финансирање на проектите за енергетска ефикасност на општините, со што ќе се намали потрошувачката во јавниот сектор. Даваме препорака за промена на методологијата за нафтените деривати. Препораката е да се менуваат цените на дневна основа. Го пролонгираме давањето на зелените давачки за деривати, со оглед на големиот пораст на цените. Ја намалува стапката на ДДВ од 18 на 5 проценти за дел од горивата. Со ова се намалува цената на енергенсите на граѓаните. Ја намалува акцизата врз основа на берзанските цени, што ќе се ублажи цената на енергенсите до 4,3 денари. Дизелот би бил за 10,7 денари помалку, бензин би се точел за 11,5 денари помала цена. Препорака на општините за реорганизација на јавниот превоз за да биде достапен за сите“, објасни Ковачевски.
Тој додаде дека има низа на кредити за финансирање на енергетска ефикасност, зелени кредити, како и кредити за обновливи извори на енергија за компаниите.
„Апелираме до сите институции, стопанство, домаќинства, да водат сметка за трошењето на струјата. Се наоѓаме во сериозна глобална криза, влијанието врз стандардот и економијата се големи. Заеднички ќе ги пребродиме. Стратегијата која ја имаме во овие 26 мерки и препораки покажува дека сите ресурси се насочени кон граѓаните. Спречуваме ценовен шок врз основните прехранбени продукти и нафтени деривати“, додаде Ковачевски.
Според него, буџетот на Македонија е стабилен и ликвиден.