Најмалку двајца војници и двајца мировни претставници од ОН се убиени во одвоени напади денеска во Мали, пренесуваат британските медиуми повикувајќи се на армијата и мисијата на ОН.
Милитантите ги нападнале силите на Мали во северниот регион на Гао. Како што соопшти армијата, во борбите се убиени најмалку деветмина од напаѓачите.
Неколку часа подоцна, конвој на мировната мисија на ОН бил удрен од импровизирана експлозивна направа северно од централниот град Мопти. Во експлозијата се убиени двајца мировници и повредени се четири други, информираат од мисијата на ОН.
Мали се бори со исламистички бунтовници повеќе од една декада. Групите поврзани со Ал Каеда и Исламската држава во последните години го зголемуваат својот досег, наспроти присуството на француските сили и околу 13 илјади мировници од мисијата на ОН.
Според податоците од мисијата на ОН во Мали, од 2013 година животот го загубиле повеќе од 250 мировници.
Франција минатиот месец најави дека ќе ја заврши својата антитерористичка мисија во Мали, откако се заладија врските со воената хунта, која владее со оваа западно-африканска држава.
Извор: МИА