Министерот за развој на Грција Адонис Георгиадис најави воведување плафон на профитната маржа за горивото, лебот, како и други производи, чија цена драстично се зголемува поради ситуацијата во Украина, јави дописничката на МИА од Атина.
Говорејќи за грчката телевизија „Опен“, Георгиадис рече дека до Парламентот ќе биде доставен конкретен амандман и објасни дека како што беше случај и со пандемијата, кога беше воведен плафон за профитот за конкретни работи од медицински карактер, истото ќе го сторат и сега „за горивото, од рафинериите до бензинските пумпи и за различни други производи за кои војната во Украина предизвика големо зголемување на цените на меѓународно ниво“.
Тој додаде дека како „највисока граница за профитната маржа ќе биде профитот на самите бизниси за производот што го имаа во септември 2021 година“.
– Она што го правиме ние е следното. Велиме: пред војната во Украина, пред кризата во Украина и пред инфлацијата, колку профит имаше меѓу фактура за купување и фактура за продажба? Икс износ. Овој ист профит можеш да го имаш и сега. Не можеш да имаш поголем, објасни министерот за развој на Грција.
Извор: МИА