Апелација го ослободи бидејќи нема релевантни докази дека се подготвува за бегство, а Кривичен суд му одреди нов притвор на ексфункционерот и обвинет, Миле Јанакиески. Околностите на кои се повика Кривичниот суд се исти како и претходно, а ново е само што има неправосилна пресуда и за овој предмет. И во ова образложение за притвор, не беше укажано дека Јанакиески подготвува бегство, како што бараат повисоките судии за да му се изрече оваа мерка. Во него, од Кривичен посочија само за семејните прилики, казните, како и предметите кои се водат, нешто што и Апелација го зема во предвид кога го ослободи во ноември минатата година.
„Имајќи ја во предвид фазата на постапката и висината на казната, за судот е основан предлогот за определување мерка куќен притвор. Судот ги имаше во предвид околностите кои се однесуваат на кривичните дела, тоа што е осудуван, се водат постапки. Тие се реална причина за реална опасност од бегство“, констатираше судијата Осман Шабани.
Апелационите судии, за ваквите наводи, само без новата казна за Јанакиески, посочија дека не може да се одреди притвор. Па така, го ослободија и оставија да се брани од слобода.
„Се водат постапки за други кривични дела, па оттука, кога личните прилики на обвинетиот се непроменети, овој суд наоѓа дека жалбените наводи истакнати во жалбата се неосновани, со оглед да не се поднесени релевантни докази дека обвинетиот се подготвува за бегство“, стоеше во одлуката на Апелација од ноември минатата година, кога Обвинителството бараше притвор за Јанакиески.
Ексминистерот и обвинет, Јанакиески е единствениот ексфункционер обвинет од поранешното Специјално јавно обвинителство, од неговото основање до сега, постојано издржува мерка за обезбедување на присуство. Истовремено тој е единствен функционер кој кога не е во домашен притвор, тогаш издржува ефективен притвор во затворот во Шутка.
Ако се погледне наназад, од 2018 година до сега, тој издржува мерка куќен притвор повеќе од три години. Па така, од ноември 2018 година до февруари 2018 беше во притвор за „Титаник“, веднаш потоа за „Организатори на 27 април“ до јуни 2019 година, а откако судот не можеше да го продолжи му беше одреден за предметот „Шпански скали“ кој му траеше до февруари минатата година. Последно, Јанакиески беше во притвор за предметот „ТНТ“. Овој притвор му беше укинат од Апелација со образложение дека нема ниту еден доказ дека тој спрема бегство.