Швајцарскиот министер за економија, Ги Пармелин, денеска соопшти дека се отпуштени сите вработени во компанијата што го осмисли контроверзниот гасовод „Северен тек 2“, јави ДПА.
Министерот Пармелин за телевизиската станица „Вестшвјацер фернзен“ изјави дека откази добиле околу 140 вработени во швајцарската фирма „Северен тек 2“.
Реализацијата на проектот за гасоводот до Германија преку Балтичкото Море ја стопираше германскиот канцелар Олаф Шолц, минатата седмица кога Русија најави испраќање војници во Украина.
Долго оспоруваниот проект е меѓу најпознатите комерци јални жртви на украинскиот конфликт. Гасоводот се најде на директен удар на новите американски санкции против Русија, а кризата резултираше и со откажување на Германија од руските фосилни горива.
Германското Министерство за економија призна дека сега државата ќе мора да вложи „вистински напори“ да го зголеми сопственото производството на електрична енергија од обновливи извори. Државниот секретар во Министерството, Франциска Брантнер, изјави дека веќе се усвоени првите нацрт-закони во таа насока.
Германските медиуми претходно цитираа документ на Министерството во кој рокот за кој Германија целосно своите потреби за електрична енергија би ги обезбедувала исклучиво од обновливи извори се скратува од 2050 на 2035 година.
Плановите Германија до 2035 година да се снабдува исклучиво и во целост од сопствени обновливи извори на енергија според Брантнер не е само прашање со важност за екологијата, туку значаен фактор за националната безбедност.
Извор: МИА