Во Скопје на дел од сообраќајниците во централното градско подрачје утре ќе биде воведен посебен сообраќаен режим, со оглед на најавените манифестации по повод одбележувањето на 2. Август, денот на Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ.
МВР информира дека утре во периодот од 09 до 12 часот затворени за сообраќај ќе бидат следните улици: крстосницата од ул. „Димитрија Чупоски“ до ул.„Васил Главинов“ (кај Палома Бјанка). Затворена ќе биде и крстосницата од бул. „Кочо Рацин“ до ул. „11-ти Октомври“(кај зградата на Црвен крст), а сообраќајот нема да се одвива и по крстосницата од ул. „Филип 2“ до ул. „Кеј 13-ти Ноември“ (кај хотелот Холидеј Ин).
МВР апелира до граѓаните, поради традиционалната прослава што ќе се одржи во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце за одбележување на 69 годишнината од одржување на Првото заседание на АСНОМ, која што ќе започне во 11 часот, сите заинтересирани посетители да пристигнат во Меморијалниот центар најдоцна до 10 часот, бидејќи по ова ќе биде воведен посебен сообраќаен и безбедносен режим заради пристигнувањето и сместувањето на ВИП гостите.
Покрај тоа, со почеток од 12 часот на Мечкин Камен – Крушево, ќе се одржи манифестација на која обраќање кон присутните ќе одржи претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски. По тој повод, МВР апелира до сите граѓани кои имаат желба да присуствуваат на овој настан, да пристигнат до 11 часот, бидејќи од градот Крушево до месноста Мечкин Камен ќе биде спроведен посебен сообраќаен режим.