Премиерката на Република Србија Ана Брнабиќ која онлајн учествуваше на Инвестицискиот самит за Западен Балкан што се одржа во Лондон во организација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), изјави дека европската интеграција и регионалната соработка се најважни приоритети на Република Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
-Иницијативата Отворен Балкан за Србија е клучен регионален проект кој ќе придонесе за развојот на целиот Западен Балкан, изјави Бенабиќ во соопштението на српската влада.
Во контекст на таа иницијатива и регионалната соработка, Брнабиќ издвои три клучни области: сообраќајното поврзување, односно развојот на железничката и патната инфраструктура, потоа енергетската стабилност и диверзификација на изворите на снабдување и соработката во областа на заштитата на животната средина.
Таа ги повика странските инвеститори да инвестираат во Србија и кажа дека, според оценките на различни меѓународни извештаи, деловното опкружување во Србија е оценето како исклучително добро.
Претседателката на ЕБОР, Одил Рено Басо, изјави дека регионот на Западен Балкан има голем потенцијал и дека инвеститорите треба да инвестираат во него и ги повика сите да работат на натамошно подобрување на деловното опкружување. Басо додаде дека ЕБОР ќе продолжи да поддржува проекти во областа на зелената транзиција и дигиталната трансформација.
Пред учесниците на самитот се обрати и еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, кој посочи дека стабилноста и безбедноста на Западен Балкан денес се поважни од кога било, како и потребата да се работи заедно на проширување на Унијата, се наведува во соопштенеито на српската влада.
Извор: МИА