Украинците кои живеат во Грција одржаа мирен протест пред руската Амбасада во Атина

Од:

Со украински знамиња, со слогани против војна и против Путин, Украинци кои живеат во Грција денеска одржаа мирен, антивоен протест пред Амбасадата на Русија во Атина, јави дописничката на МИА од Атина.

„Ние не сме нацисти, запрете ја војната“; „Путин, тргни ги рацете од Украина“; „Путин, убиец“; „Руски терористи, одете си од Украина“, беа дел од слоганите испишани на паноата, а во разговор со дописничката на МИА од Атина, дел од Украинците раскажаа дека нивни роднини се во Украина, се наоѓаат во постојан контакт со нив и од нив дознаваат што се случува во нивните родни места, а сите се согласни дека никој не може да поверува дека во 2022 година се случува војна.

Младата Владислава, по потекло е од градот Запорожје во јужна Украина што се наоѓа блиску до Мариупол, на протестот беше со плакат во форма на срце со боите на украинското знаме и порака дека потребна е помош од светот.

Видно вознемирена и загрижена, за МИА вели дека војската веќе е на влезот на градот.

-Таму е баба ми, која е многу стара. Нема ни маж, ни друго семејство, сама е. Не знае како ќе избега и каде ќе оди. Само што ќе ги слушнат сирените, веднаш се кријат во засолништа. Вчера зборував со неа до 8.30 и потоа се прекина линијата. Денеска кога зборувавме ми рече дека се во скривница, вели Владислава и потенцира дека е потребна голема внимателност со лажните вести и начинот на кој се информираат граѓаните.

Истакнува дека информациите што тие ги добиваат не се од медиумите, туку од нивните роднини и пријатели што во моментот се таму и коментира дека се целосно погрешни вестите во руските медиуми дека руската војска доаѓа за да ги спаси граѓаните.

Голем дел од Украинците велат дека нивните роднини и семејства воопшто не размислуваат да дојдат кај нив во Грција, туку дека ќе останат и ако е потребно ќе се борат.

-Во Украина го немаат стравот што го имаме ние овде, што сме далеку, многу се смирени, бидејќи ситуацијата е ваква веќе осум години, од 2014. Загинаа 14.000 украински војници, млади луѓе. Жално е што Европа толку години не кажуваше ништо. Во Грција не го знаат ова. Имам многу пријатели овде, никој не знае. Сега дознаваат што се случува, вели Украинката Ина.

Украинците, за утре, закажаа нов антивоен протест, но во центарот на Атина, пред грчкиот Парламент.

Фото: МИА
Извор: МИА

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Украина: Нападнавме важна руска фабрика за барут

Горан Наумовски

Зеленски: Распоредувањето на европскиот контингент не може да биде единствената безбедносна гаранција

Сибиха: Забраната за директни преговори со Путин останува на сила

Ќе треба многу време за да се постигне мирно решение во Украина

Горан Наумовски

Енергетски објекти во Русија денеска беа нападнати од Украина

САД ја условуваaт Украина: Признание за губењето територии, во замена за воена помош

Горан Наумовски