ЕУ го најави првиот пакет санкции против Русија

Од:

Првиот пакет санкции на Европската унија против Русија поради признавањето на сепаратистичките територии во Украина ќе биде претставен попладнево во Париз, најавија претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

Предложениот пакет вклучува мерки против оние кои се вклучени во „незаконската одлука“ и банките кои ги финансираат руските војни и други операции на териториите на Доњецк и Луганск.

Предложени се и мерки насочени кон способноста на руската држава и влада да пристапат до капиталот и финансиските пазари и услуги на ЕУ со цел да се ограничи финансирањето на „ескалациони и агресивни политики“ и мерки насочени кон трговијата меѓу двата сепаратистички региони и ЕУ, со цел „одговорните јасно да ги почувствуваат економските последици од нивните незаконски и агресивни дејствија“.

Санкциите ќе бидат претставени по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, кој започна денеска во 16 часот.

Претседателите на ЕК и на Европскиот совет во заедничко соопштение рекоа дека одлуката на Москва да ја признае независноста на сепаратистичките територии и да испрати војска е незаконски и неприфатлив потег што го нарушува меѓународното право, територијалниот интегритет и суверенитет на Русија и дополнително ја влошува кризата.

„Двајцата претседатели го поздравуваат силното единство на земјите-членки и нивната решеност да реагираат силно и брзо на незаконските дејствија на Русија во тесна соработка со меѓународните партнери“, се вели во соопштението.

ЕУ е подготвена да усвои дополнителни мерки подоцна, доколку тоа го бара дополнителниот развој на ситуацијата, и се додава дека ЕУ и натаму ќе ја поддржува Украина и нејзиниот народ.

Планот на санкции на ЕУ се насочени против 351 пратеник во рускиот парламент кои го поддржаа признавањето заедно со 11 лица кои го предложија; Банките кои ги финансираат руските воени и други операции во овие области; Способноста на руската држава и влада да пристапат до капиталот и финансиските пазари и услуги на ЕУ и против трговијата од двата отцепени региони кон и од ЕУ.

Сите 27 земји-членки на ЕУ мора да се согласат со овие санкции.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Руската одбрана уништи украински беспилотни летала над Русија

„Њујорк тајмс“: Бројот на Севернокорејци во Курск е преполовен

Орбан: Будимпешта нема проблем со „филозофијата на санкции“ кон Русија

Повеќето Британци сакаат да се вратат во ЕУ

Песков: Русија сака Србија да ги реши сите проблеми што е можно поскоро и да се врати на мирен развој

Медведев: Опасно е Зеленски да биде реизбран, кловнот од Киев стана едноставно нелегитимен