Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција информираше дека на предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе Одлука со која се определува највисоката трговска маржа до 5% на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10% на продажната цена во трговија на мало како посебен услов во трговијата
Оваа мерка се однесува на леб; шеќер;сол;брашно – тип 400; сурово сончогледово масло и сончогледово масло за јадење; трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%; свежо месо и сувомеснати производи; сирење и урда; ориз; јајца;тестенини; пченица; и овошје и зеленчук.
„Со оглед на информациите и анализите на терен дека трошоците на производителите на основни прехранбени производи растат, оваа одлука има за цел да се ограничат тровците да прават профит на грбот на граѓаните и на производителлите.
Со оваа одлука се контролира растот на цените на основните прехранбени производи да нема значајно влијание врз потрошувачката на граѓаните со оглед на тоа што од 1 март престанува да важи одлуката за највиски (замрзнати) цени на основните прехранбени производи„ кажа министерот Бектеши.
Министерот додаде дека кај трговците на мало во вкупниот износ на трговската маржа до 10% се вклучени рабатот и надоместоците кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо за рекламирање и за примарни и секундарни позиции за изложување на стоките на рафтови односно полици.
„Оваа Одлука ќе се применува од 1 март 2022 година до 31 мај 2022 година, заради потребата да се органичи растот на цените во следните три месеци. Доколку трговците не се придржуваат до оваа одлука следуваат и глоби“ кажа бектеши и додаде дека за прекршување на овие мерки согласно член 30 од Законот за трговија предвидени се:
„Глоба во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, глоба во износ од 1.600 до 2.000 евра во денарска противвредност за мал трговец, глоба во износ од 3.000 до 6000 евра во денарска противвредност за среден трговец,глоба во износ од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец“ кажа министерот.
Министерот потенцираше дека во наредниот период Државниот пазарен инспекторат ќе излезе на терен со засилени контроли кај трговците, а граѓаните кои ќе утврдат драстично зголемени цени на основните прехранбени производи да пријават на бесплатниот телефонски број на ДПИ 191.
„И на крај сакам да информирам дека Министерството за економија е во финална анализа за новата директива на ЕУ 2019/633 за подготовка на Закон за нефер трговски практики во синџирот за снабдување со храна и до крајот на март оваа година ќе биде готов првиот драфт на Законот“ кажа Бектеши.