Бројот на патници на аеродромот во Софија минатиот месец е намален за 41,3 отсто во однос на 2019 година. Ова го соопшти прес-центарот на аеродромот. Во изминатиот период опслужени се вкупно 309.504 патници, што е за 218.000 помалку отколку пред пандемијата на Ковид-19, се наведува во соопштението.
За речиси половина е намален и протокот на патници на меѓународните редовни летови – околу 45 проценти во однос на јануари 2019 година. Сериозен пад од 35 отсто во јануари годинава бележи и бројот на домашни патници, тврдат аеродромските власти.
Бројот на полетувања и слетувања на аеродромот во Софија во првиот месец од годинава изнесува 3.529, што е намалување од 24,2 отсто во однос на 2019 година. Обемот на обработени карго и поштенски пратки минатиот месец е намален за 8,3 проценти и изнесува 1.538 тони.
Пандемијата на Ковид-19 продолжува да биде главниот негативен фактор што го попречува обновувањето на воздушниот сообраќај, соопшти аеродромот во Софија.
Извор: МИА