Ирачкиот огранок на Ал Каеда соопшти дека во знак на поддршка на „потиснатите сунити“ во Ирак, вчера извршила серија бомбашки напади во доминантно шиитските региони на земјата, при што се убиени најмалку 62 лица.
Со соопштението ирачкото крило на Ал Каеда – Исламска држава во Ирак и Левантот презеде одговорност за нападите извршени во текот на вчерашниот ден, главно со автомобил-бомби на пазари и паркинзи.
Автентичноста на пораката не може да се потврди од независен извор. Таа беше објавена на сајтот што вообичаено го користат исламиситте, а стилот наликува на претходните соопштенија на Ал Каеда.
Бомбашките напади се последната епизода од бранот крвопролевање, што го зафати Ирак од април, што досега го однесе животот на над 3.000 лица и ги влоши и онака затегнатите односи меѓу сунитското малцинство и Владата, во која доминираат шиити.