Во Германија на повидок е нов политички скандал, откако претседателот на Бундестагот, Норберт Ламерт од владејачката Христијанско демократска унија (ЦДУ), е обвинет за плагијат на својата научна дисертација, јави ИТАР-ТАСС.
Германскиот весник „Велт“ денеска објави дека блогер кој се претставува Роберт Шмид, открил несовпаѓања и прекршувања на правилата за цитирање на најмалку 42 страници од научниот труд на Ламерт од 1975 година.
Ламерт на Рурскиот универзитет во Бохум во Северна Рајна-Вестфалија, ја одбранил дисертацијата на тема „Локални организациски структури за внатрепартиското формирање на волјата – истражување врз основа на активноста на регионалната организација на ЦДУ во Рурската област“.
Ламерт „не прочитал голем дел од литературата што ја користел, па затоа се добива впечаток дека ископирал многу карактеристични грешки“, тврди Шмид.
Ламерт, меѓутоа, за „Велт“ тврди дека планира својата дисертација да ја испрати на проверка, што ќе утврди дали тој направил плагијат.
– Го замолив универзитетот во Бохум да го стори тоа во најкус можен рок, изјави тој, уверувајќи дека својата дисертација ја подготвил „чесно и совесно“.
Повеќе германски политичари веќе ги загубија дотогашните функции заради обвинувања за сторен плагијат. Прво, поранешниот министер за одбрана Карл-Теодор цу Гутенберг си замина од функцијата, потоа роа го стори и Силвана Кох-Мерин, дотогашниот потпретседател на Европскиот парламент и на крајот и поранешната министерка за образование и научни истражувања Анете Шафан.