Бугарскиот премиер Кирил Петков на вториот ден од Минхенската безбедносна конференција разговараше со премиерот на Велика Британија Борис Џонсон.
Двајцата лидери разговараа за билатералните односи и важноста за создавање можности за добро образование и задржување на младите во двете земји, бидејќи тие се нивната иднина, соопшти прес-службата на бугарската Влада.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарскиот премиер оствари билатерални средби со претседателите на Молдавија Маја Санду, со украинскиот Володимир Зеленски, со грузискиот премиер Иракли Гарибашвили и со косовскиот премиер Албин Курти.
Петков и Санду ги истакнаа заедничките цели во борбата против корупцијата и владеењето на правото, како и во областа на енергетската безбедност. Бугарскиот премиер ја истакна многубројната бугарска заедница во Молдавија, што е исто така исклучително важно за одличните односи меѓу народите на двете земји.
Петков доби покана од молдавската претседателка Маја Санду да го посети градот Тараклија, населен со локалната бугарска заедница. Бугарскиот премиер Петков и украинскиот претседател Володимир Зеленски потпишаа заедничка декларација за поддршка на европската перспектива на Украина. Поради развојот на ситуацијата меѓу Русија и Украина, бугарскиот премиер Петков и украинскиот претседател Зеленски изразија загриженост за енергетската безбедност, но изразија и надеж за деескалација на тензиите во регионот.
Бугарскиот премиер се сретна и со грузискиот колега Иракли Гарибашвили. Двајцата разговараа за можностите за економска соработка во областа на информатичката технологија, координација во логистиката во рамките на Црното Море и поддршка за евроатлантскиот пат на Грузија.
Петков разговараше со косовскиот премиер Албин Курти и со потпретседателката на Гугл за владини прашања и јавна политика во Европа, Анет Кробер-Рајл.
Извор: МИА