Израелско-палестинските мировни преговори, кои беа во прекин речиси три години, синоќа беа обновени во Вашингтон под покровителство на САД.
Израелската министерка за правда Ципи Ливни и главниот палестински преговарач Саеб Еракат седнаа на заедничка маса во Стејт департментот, на средба на која присуствуваше и американскиот државен секретар Џон Кери.
Тројцата високи преетставници беа придружувани од соработници, меѓу кои и специјалниот американски пратеник за преговорите Мартин Индик.
Кери, кој е заслужен за обновувањето на директните израелско-палестински мировни преговори, изјави дека ова е многу важен момент и ги повика учесниците да најдат компромис.
Преговорите беа прекинати во септември 2010 година по одлуката на израелската Влада да започне со изградба на нови еврејски доселенички населби во Источен Ерусалим и на Западниот Брег на реката Јордан.