Полска ќе се подготви за можен прилив на бегалци од Украина, во случај на руска инвазија, изјави денеска полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
Тој додаде дека инфраструктурата за бегалците ќе биде поставена во близина на полската источна граница со Украина. Но, подоцна некои објекти, како што појасни Моравјецки, може да се преместат на други места.
Моравјецки наведе дека во наредните неколку дена ќе повика тим за да се занимава со прашањата околу логистика, објекти, транспорт и инфраструктура, како и да обезбеди пристап до здравствена заштита и до образование.
– Ќе им помогнеме на Украинците да ги ублажат последиците од рускиот напад, појасни тој.
Русија вчера најави делумно повлекување на војниците, нагласувајќи дека тоа ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а руските вооружени сили ќе им се вратат на своите нормални позиции за три до четири недели.
НАТО денеска соопшти дека би го поздравил руското повлекување, но, досега, не гледа знаци на било какво значајно поместување на трупите.
Извор: МИА