Сириската воена команда нaскоро ќе ја заврши операцијата за целосно преземање на контролата врз Хомс, изјави за сириската телевизија офицер на владините сили, кој учествува во судирите во градот.
Според офицерот, како што јави ИТАР-ТАСС, бунтовничките упоришта кои останале во северниот дел на градот, ќе бидат ликвидирани во период од два дена.
Телевизијата емитуваше снимки од операцијата, на кои се гледа средновековната џамија „Халед ибн ал Валид’“, во која беше главната база на бунтовиците. Сириската армија ја зазела џамијата и развиорила сириско знаме над неа.
Битката за Хомс, кој е третиот по големина град во Сирија, има големо значење и за двете страни во судирите. Опозицијата градот го нарекуваше „револуционерна престолнина“.