Цената на нафтата се намали под 91 долар за барел во очекување на договор за иранската нуклеарна програма

Од:

Цените на нафтата денеска паднаа под 91 долар на меѓународните пазари во пресрет на индиректните американско-ирански разговори, кои би можеле да го оживеат нуклеарниот договор и да го отворат патот за поголем извоз на иранска нафта.

На лондонскиот пазар цената на барелот потона за 1,76 долари во однос на претходното затворање, на 90,93 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше за 1,67 долари пониска цена, по 89,65 долари.

Пазарот внимателно ги следи преговорите меѓу Иран и САД за нуклеарниот договор, кој би можел да врати на пазарот повеќе од милион барели дневно иранска нафта или повеќе од еден процент од глобалната понуда. Нуклеарните преговори треба да продолжат денеска во Виена.

Претставниците на Вашингтон и Техеран индиректно преговараат од април минатата година, а зад нив веќе има осум рунди разговори во кои се уште не ги надминале разликите во мислењата за брзината и опсегот на укинувањето на санкциите.

– Доколку се укинат санкциите кон Иран, глобалното снабдување со сурова нафта може да ја добие многу потребната поддршка, рече Наем Аслам од Аватрејд.

– Извозот може да продолжи на краток рок доколку се постигне нуклеарен договор. Но, тоа е големо „ако“. Во оваа фаза, враќањето на иранските барели е само можност, рече Тамас Варга од PVM.

Цените денеска беа под влијание и на изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека средбата со неговиот руски колега Владимир Путин помогнала да се спречи ескалација на украинската криза.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Поевтинува мазутот

Поевтинуваат бензините и дизелот

Поевтинува ЕУРОСУПЕР БС – 95

Чистка во Венецуела: Сменети се сите кои одлучуваат за нафтата

Поевтинуваат бензините

ВИДЕО: Експлозија на танкер во Црвеното море нападнат од Хутите, следи еколошка катастрофа