Едно лице е уапсено под сомнение дека стои зад убиството во Каиро на грчкиот новинар Николаос Кацикас, дописник на државната агенција АНА -МПА од Египет, кој во саботата бил пронајден мртов во неговиот стан, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерството за надворешни работи на Грција во неделата соопшти дека новинарот бил пронајден мртов, без дополнителни детали за смртта, а денеска, грчките медиуми, како и АНА-МПА, повикувајќи се на медиумите од Египет објавија дека веројатно кражба е причината за убиството, а уапсен е доставувач на храна како главен осомничен.
Медиумите во Грција пишуваат дека осомничениот и 56-годишниот Кацикас се познавале, а не е исклучена веројатноста да имале и близок однос.
Според истите информации, новинарот до смрт бил избоден со нож.
Портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому, денеска изрази сочувство за смртта и рече дека конзуларните органи се во контакт со надлежните египетски власти за расчистување на случајот.
Кацикас од 2016 година бил дописник од Каиро на државната новинска агенција, а соработувал и со грчката државна телевизија ЕРТ и со кипарски медиуми.
Извор: МИА