Снимањето на долгометражниот игран филм „Деца на сонцето“ на режисерот Антонио Митрикески заврши денеска на пероните на Железничката станица во Скопје. Филмот е љубовна приказна во која главни ликови се Ангела и Марко, а нив ги толкуваат младите Кире Ѓоревски, кој дипломирал во Бугарија, и Ивана Павлаковиќ, студентка на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
На снимањето на последната сцена од филмот присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која им посака многу успех на филмот и на режисерот.
Посебно ме радува, посочи министерката, што навистина во Република Македонија се повеќе се снимаат македонски филмови кои се во копродукција и со други држави.
– Резултатите се видливи. Направен е силен и голем исчекор во македонската кинематографија благодарение на поддршката на Владата, Министерството за финансии во издвојувањето на што поголем фонд на средства во буџетот на Филмскиот фонд кои се издвојуваат на конкурс за снимање на домашна македонска продукција. Изминатиот период е направено многу. Многу од овие филмови отидоа на голем број фестивали и добија голем број награди, додаде Канческа-Милевска.
Таа изрази надеж дека и идната година како и претходните ќе има исто така нови филмови кои ќе се пласираат пред домашната и светската јавност.
Режисерот Митрикески некриејќи го задоволството од завршувањето на снимањето на филмот изрази уверување дека филмот ќе биде продукт на високо европско ниво.
– Ќе имаме одличен филм. Во филмот имаше 40 македонски актери меѓу кои и дебитанти. Дебитантката кога го глумеше ликот на Ангела е Ивана Павлаковиќ која ќе биде големо име во филмот. Кире Ѓоревски го глуми ликот на Марко и ова му е прва главна улога. Верувам дека ќе биде големо име во глумата, истакна Митрикески.
Министерка Канческа-Милевска од екипата доби сувенир кој беше употребен во филмот.
– Ова е предмет од филмот кој глумците го наоѓаат во Преспанското Езеро. Околу Преспанското Езеро поминале многу цивилизации. Ова е антички златен овен кој протагонистот Мето Јовановски во улогата на Кале, таткото на Ангела, го наоѓа златниот овен во длабочините на Преспанското Езеро, потенцира Митрикески.
Директорот на Филмскиот фонд Дарко Башески изјави дека филмот имал добар период на подготовки и официјална копродукција. Очекуваме, посочи тој, на почетокот на следната година да имаме учество на некој голем филмски фестивал.
Актерката Ивана Павлаковиќ изјави дека и претставува задоволство што имала чест и можност да биде дел од проектот. Му се заблагодари на режисерот што и дозволил да ја има главната улога во филмот, како и на целата екипа која, како што рече, несебично покажала што знае и им помагала на помладите.
– Актерско искуство имам во „Животот на Молиер“ на Ацо Поповски. Влегов како замена за привремената турнеја. Тоа ми е единствено професионално искуство досега. За „Деца на сонцето“ нема да кажам ништо. Едвај чекам да излезе филмот. Се надеваме дека тоа ќе биде во јануари, додаде Павлаковиќ.
Филмот „Деца на сонцето“ почна да се снима на 17 јуни во Отешево, на брегот на Преспанското Езеро. Станува збор за трет игран филм на режисерот Антонио Митрикески, по „Преку езерото“ од 1997 и „Како лош сон“ од 2003 година.
„Деца на сонцето“ е по сценарио на познатиот балкански автор Гордан Михиќ и е копродукција со Србија и Црна Гора. Македонски продукции се „Хоризонт филм“ и „Револушн продукција“. Директор на фотографија е Јарек Шода од Полска, а костимограф е Зорица Тодорова-Младеновиќ.
Во филмот играат Владо Јовановски, Милица Стојанова, Мето Јовановски, Ацо Дуковски, Александар Микиќ, Данчо Чевревски, Билјана Танески, Камка Тоциновски, Мартин Мирчевски, Сашко Коцев и три деца. Новина е што Влатко Стефановски, кој е автор на музиката за филмот, првпат ќе има епизодна улога на филм и ќе го игра Човекот со гитара.