Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун го осуди вчерашното насилство за време на протестите во Египет. Тој ги повика египетските сили за безбедност да го почитуваат правото на луѓето да протестираат, истовремено повикувајќи ги демонстрантите на мирни протести.
– Генералниот секретар на ОН повторно ги повика привремените власти да преземат целосна одговорност за мирно спроведување на протестите и да обезбедат заштита на сите Египќани, се наведува во соопштението на прес-службата на Бан.
Според очевидци вчера силите за безбедност застрелале десетици приврзаници на соборениот претседател Мохамед Морси. Во серијата протести по 3 јули, кога војската го собори исламистичкиот претседател Мохамед Морси и постави нова Влада, животот го загубија над 200 Египќани.
Истовремено, Пентагон објави дека министерот за одбрана на САД Чак Хејгел разговарал по телефон со египетскиот воен министер генерал Абдел Фатах ас Сиси, пред кого изразил загриженост поради последните насилства. Хејгел го советувал својот колега да покаже воздржаност, а властите во Египет да ги преземат сите мерки за спречување на крвопролевањето и уште убиства.
Државниот секретар на САД Џон Кери, исто така, изјави дека раководителите на Египет треба да ја вратат земјата назад на вистинскиот пат. Тој истакна дека разговарал со двајца високи членови на привремената Влада во Египет, потпретседателот Мохамед ел Барадеј и министерот за надворешни работи Набил Фахми.
Кери пред нив изразил длабока загриженост поради најновите крвопролевања во Каиро и Александрија, во кои загинаа голем број луѓе.