Само околу 3,2 проценти од вработените добиваат плата повисока од 30 илјади денари.
Ако ја имаме предвид висината на потрошувачката кошничка од 32.571 денари, тогаш е очигледно дека недостасуваат сериозен дел на средства за задоволување на потребите на едно четиричлено семејство, вели претседателот на ССМ Живко Митревски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Митревски посочува дека апсолутно има потреба да се зголемуваат платите во Република Македонија, ако се имаат предвид и предвидувањата за зголемување на цените на производите, за зголемување на цените на храната.
„Средната плата во Македонија е околу 220 евра, додека нема казнети за неисплаќање минимална плата. Факт е дека Република Македонија, слично како и останатите држави, живее во услови на сериозна светска економска криза, па оттука начелно е постигнат договор, дека во вакви услови, не смее да се дозволи помасовно отпуштање на работници, ниту пак намалување на платите, а исто така стратешка определба е да се задржи и висината на пензиската граница“, вели претседателот на Синдикатот.