Економско-социјалниот совет денеска ја продолжи дискусијата за утврдување на минималната плата во државата, информираат од Министерството за труд и социјална политика.
На денешната седница беа презентирани неколку различни симулации направени врз основа на доставените предлози од социјалните партнери за раст на минималната плата.
„Од страна на Бизнис Конфедерација на Македонија беше доставен предлог во кој покрај измена на критериумите за усогласување на минималната плата се даде предлог и за обезбедување на финансиска помош за исплата на минимална плата од буџетот на РСМ. Овој предлог бара дополнителна анализа, со цел да се утврдат фискалните импликации кои би го предизвикале предложеното решение.
Затоа беше договорено социјалниот дијалог да продолжи следната недела, со цел да се дојде до приближување и изнаоѓање на најодржливото системско решение, кое ќе даде резултат на долг рок“, велат од МТСП.