Самостојниот синдикат за образование, наука и култура бара Владата да ја повлече одлуката за почеток на второто полугодие со физичко присуство и барем во првите две недели наставата да биде онлајн. Претседателот Јаким Неделков смета дека сегашната епидемиолошка слика укажува на можноста школите да станат опасен кластер за ширење на коронавирусот.
„Барем првите две недели од февруари бараме наставата да се одвива онлајн, период во кој ќе се анализира дали бројките ќе одат во нагорна линија, па дури тогаш, во зависност од епидемиолошката слика, да се донесе одлука за настава со физичко присуство доколку состојбата се стабилизира. Со над 2000 новозаразени на дневна основа школите можат да бидат опасен кластер за ширење на вирусот“, изјави претседателот Неделков за „А1он“.
Тој смета дека е побезбедно наставата да почне онлајн за што наставниците се веќе обучени, а на учениците им е познат тој начин на учење.
Официјален предлог за повлекување на одлуката за почеток на школската година до Владата, Неделков вели дека нема да испрати во интерес на времето.
„Ако почнеме официјална административна процедура, второто полугодие ќе почне, а предлогот нема да стигне до тој што треба. Затоа одлучивме ова да го побараме преку медиумите“, објасни претседателот Неделков.
Одлуката второто полугодие да почне со физичко присуство Владата ја потврди вчера, но не образложи кои се показателите кои укажуваат дека физичко присуство на учениците е безбедно во овој момент. На 17 јануари распустот, кој требаше да заврши на 20 јануари, беше продолжен до 1 февруари, со тоа што Владата најави дека повторно ќе ја разгледа епидемиолошката состојба пред почетокот на второто полугодие. Од 17 јануари навака во пораст се и бројот на новозаразени и бројот на хоспитализирани, но Владата сепак, по препорака на Комисија за заразни болести и УНИЦЕФ одлучи наставата да продолжи со физичко присуство.