Економскиот универзитет во Виена на почетокот на новиот семестар ќе го применува правилото 2G, односно во зградата ќе можат да влезат само вакцинирани лица или студенти со потврда за прележан ковид.
Исто така, од 1 март повторно започнуваат часовите и испитите „во живо“ и ќе се укине онлајн наставата.
За невакцинираните, како што вели ректорот Еделтрауд Ханапи-Егер во изјава за весникот „Стандард“, нема да има компензација или онлајн можност, туку само опција да го стават семестарот во мирување.
Економскиот универзитет како научна институција верува во вакцина против коронавирусот, а воведувањето на „2G“ е само логична последица на задолжителната вакцинација, подвлече таа.
Ректорот истакна дека до крајот на зимскиот семестар важи правилото „2,5Г“ кое овозможува влез во зградата со негативен антиген или ПЦР тест, а за неделата на испитите невакцинираните ќе мора да имаат негативен ПЦР тест.
Инаку, од 1 март правилата што важат за студентите ќе важат и за вработените, па оние кои не се вакцинирани мора да сметаат на последиците од законот за работни односи, што може да доведе до прекин на исплатата на платите.
Ханапи-Егер не смета на големи проблеми, бидејќи веќе во ноември 97 отсто од персоналот биле вакцинирани, а од есента се вработуваат нови луѓе само доколку го исполнат правилото „2G“.
Кога станува збор за студенти, од 21.200 кои го посетуваат овој Универзитет, 90 проценти се вакцинирани досега.
Досега правилото „2G“ во Австрија го применуваше само Универзитетот во Клагенфурт.