Ватикан денеска застана во одбрана на пензионираниот папа Бенедикт Шеснаесетти, соопштувајќи дека не треба да се бара „лесен жртвен јарец и да се донесуваат пресуди во кратка постапка“.
Ова е првата официјална реакција на Ватикан на обвинувањата против папата Бенедикт, дека како надбискуп Џозеф Рацингер во Минхен, кон крајот на осумдесетите години на минатиот век, знаел за четири случаи на сексуална злоупотреба во рамките на Римокатоличката црква и за тоа не реагирал.
Наводите беа изнесени во извештајот на независната истрага за работата на Минхенската надбискупија, спроведена од адвокатската канцеларија „ Westpfahl Spilker Wastl “.
Шефот на ватиканската служба за односи со јавноста, Андреа Торниели, излезе со свој коментар на извештајот во напис објавен на порталот „Ватикан њуз“.
Во него, Торниели потсети дека Бенедикт е првиот папа што се сретнал со жртвите на малтретирањата, дека вовел строги норми на казнување на свештениците кои силувале деца и дека и наложил на црквата да оди „по патот на смирението, барајќи прошка за злосторствата на нејзините свештеници“.
„Сето ова не може да се заборави ниту да се избрише“, напиша тој, додавајќи дека жртвите често пати биле третирани како непријатели на црквата, но дека Рацингер бил тој кој помогнал за промена на овој став, слушајќи ги жртвите и барајќи од нив прошка.
Торниели истакна дека извештајот не е судска казна и рече дека би помогнал во борбата против овој проблем само доколку информацијата „не се сведе на барање лесен жртвен јарец и донесување пресуди во кратка постапка“.
Актуелниот надбискуп на Минхен, кардинал Герхард Маркс, утре треба да одржи прес-конференција на која ќе зборува токму за извештајот и обвинувањата против него.
Извор: МИА