Намалување на периодот од 10 на 7 дена изолација за ковид-позитивните пациенти е ставот што произлезе од денешната вонредна седница на Комисијата за заразни болести. Одлуката ја носи Владата на предлог на Министерството за здравство, а врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести и одобрување од Главниот кризен штаб.
„На состанокот на Комисијата, денеска, не стана збор за укинување на сертификатите и за носењето заштитни маски од учениците со започнувањето на второто полугодие од учебната година. За овие прашања ќе се разговара дополнително на некои од наредните состаноци на Комисијата.
Состојбата будно ја следиме, а анализите во моментот укажуваат на тоа дека сè уште има капацитет за сместување во болниците. Сепак, со оглед на околностите, на денешната седница дискутиравме и за потребата од брза реакција доколку сликата се смени и болниците се преполнат. Во такви околности Министерството за здравство веднаш би ги ставило во функција останатите капацитети на јавноздравствените установи. Ги преземаме сите соодветни мерки за да обезбедиме сигурност за секој граѓанин поединечно“, информираат од Министерството за здравство.